Закон за адвокатура
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи , други правни лица,органите на единиците на локалната самоуправа,вршењето на адвокатската дејност , утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите,како и осигурувањето на адвокатите.
Член 2
(1) Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.
(2) Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
(3) При остварување на адвокатската дејност,адвокатот се раководи исклучиво од интересите на странката кои ги заштитува на најдобар начин со законски средства.
Член 3
Правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела,составување на договори за основање,партнерство, соработка и слични акти во врска со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи,органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.
Напомена: Овој пречистен текст не е автентичен текст изготвен од страна на Законодавно правната комисија.Истиот е изготвен за потребите на полесна употреба на Законот за адвокатура ,а изготвувачите не сносат никаква одговорност за евентуалните грешки и несогласности со автентичниот текст.
Член 4
(1) Државните органи,органите на единиците на локалната самоуправа,како и правните и физичките лица кои имаат јавни овластувања, должни се на адвокатот во рок од 8 дена да му ги дадат податоците идокументите потребни во вршењето на адвокатската дејност во конкретен предмет, освен ако тоа не е во спротивност со должноста за чување на тајна согласно со закон.
(2) Адвокатските книги и предмети,досиеја,податоците во електронска форма и други средства на комуникација се неприкосновени и не подлежат на преглед, копирање,проверка и одземање,освен во случаи предвидени со закон
(3) Комуникацијата меѓу адвокатите,како и меѓу адвокатот и неговата странка,независно на кој начин се остварува,не подлежи на преглед,копирање, проверка или одземање и не може да биде искористена како доказен материјал во постапките што се водат пред судовите и другите државни органи,согласно со закон.
II. ВРШЕЊЕ НА АДВОКАТСКАТА ДЕЈНОСТ
1. Услови за вршење на адвокатската дејност
Член 5
Самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Член 6
(1) Адвокатската дејност ја вршат адвокати,кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.
(2) Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво.
(3) Адвокатите поединци и адвокатските друштва се запишуваат во Именик на адвокатите којшто се води во Адвокатската комора на Република Македонија.
Член 7
(1) Адвокатот поединец ја извршува адвокатската дејност поединечно.
(2) Адвокатот може да вработува други адвокати, адвокатски стручни соработници, адвокатски приправници и работници за вршење административни и помошни работи на начин и под услови определени со закон.
Член 8
(1) Двајца или повеќе адвокати можат да основаат адвокатско друштво.
(2) Адвокатското друштво врши адвокатска дејност како адвокат поединец.
(3) Адвокатско друштво се основа со одлука за основање.
(4) Во адвокатско друштво основано од двајца адвокати можат да пристапат и други адвокати како основачи.
(5) Адвокатското друштво се запишува во Именик на адвокатски друштва којшто се води во Адвокатската комора на Република Македонија со што се стекнува со статус на правно лице согласно со овој закон.
Член 9
(1) Седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец го определува адвокатот, а на адвокатското друштво адвокатот основач на адвокатското друштво, по слободен избор.
(2) За секоја промена на седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец и адвокатското друштво, адвокатот, односно спогодбено адвокатите основачи се должни да ја известат Адвокатската комора на Република Македонија.
(3) Канцеларијата на адвокатот поединец и адвокатското друштво мораат да исполнуваат минимално хигиенско-технички услови за квалитетно давање правна помош, утврдени со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија.
Член 10
(1) Правото на вршење адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија.
(2) По уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на Република Македонија на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.
(3) Содржината и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.
Член 11
(1) Пред да се запише во Именикот на адвокатите кандидатот дава свечена изјава која гласи: “Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба.”
(2) Адвокатите се должни да носат тога во постапувањето пред судот.
(3) Изгледот на тогата со акт ја определува Адвокатската комора на Република Македонија
(4) Актот за изгледот и условите под кои се носи адвокатската тога од ставовите (2) и (3) на овој член го донесува Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија.
Член 12
(1) Во Именикот на адвокатите може да се запише лице кое ги исполнуваопштите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење адвокатската дејност и да ги исполнува следните услови :
– да е државјанин на Република Македонија
– да е деловно способно
– да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет од странство
– најмалку две години по дипломирањето да работело на стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудните институции или најмалку три години на други правни работи
– активно да го зборува македонскиот јазик
– да има положено правосуден испит во Република Македонија
– да има положено адвокатски испит
– да не е правосилно осуден на казна, забрана за вршење на дејност, професија или должност, за време на траење на таа казна
– да не е во работен однос
– да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата
Член 13
(1) Адвокатскиот испит предвиден во членот 12 став (1) алине 7 се спроведува два пати во годината
(2) Адвокатскиоот испит се спровдува во Адвокатската комора на Република Македонија пред Комисија составена од пет адвокати
(3) Претседателот на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија не може да биде претседател на Комисијата од ставот 2 на овој член
(4) Бројот на предметите,наставните програми и оценувањето на испитот се утврдува со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија
(5) При определувањето на содржината на адвокатскиот испит, не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит,за да се избегне повторното полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит
Член 14
(1) Не е достојно за вршење на адвокатска дејност лицето кое е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело против државата со ефективна казна затвор над шест месеци додека траат правните последици од осудата
(2) Не е достојно за вршење на адвокатска дејност ниту лицето чие претходно однесување или дејност не гарантира дека тоа совесно ќе ја врши адвокатската дејност
(3) Ако барањето за упис во Именикот на адвокатите е одбиено затоа што подносителот на барањето е недостоен за вршење на адвокатската дејност заради причините наведени во ставовите (1) и (2) на овој член,новото барање за упис може да се поднесе пред истекот на рокот од две години од правосилноста на одлуката со која барањето е одбиено.
Член 15
(1) По барање за упис во Именикот на адвокатите решава надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија, определен со акт на Адвокатската комора на Република Македонија, на начин и под услови определени со овој закон.
(2) По жалбата против решението со кое се врши прием или се одбива барањето за упис во Именикот на адвокатите решава надлежен орган на Комората определен со акт на Адвокатската комора на Република Македонија во рок од 15 дена од приемот на решението.
(3) Против конечното решение на Адвокатската комора на Република Македонија може да се поведе управен спор,пред надлежен суд определен со закон.
Член 16
(1) Адвокати од други држави можат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Македонија нод услови на реципроцитет.
(2) При утврдувањето на условите за реципроцитет надлежните органи задолжително прибавуваат мислење од Адвокатската комора на Република Македонија
(3) Условите,начинот и постапката под кои адвокатите од други држави можат да даваат правна помош и да ја вршат адвокатската дејност,се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија
(4) Адвокатите од државите членки на Европската унија можат да даваат правна помош и да ја вршат адвокатската дејност на територијата на Република Македонија
(5) При уписот во Именикот на адвокатите во Адвокатската комора на Република Македонија,адвокатот граѓанин од земјата членка на Европската унија ги поднесува следните документи :
– документ со кој е овластен за вршење на адвокатска дејност,издаден од надлежен орган во неговата земја
– документ за познавање на македонскиот јазик согласно со пропис од Министерството за образование и наука
2. Права и должности на адвокатите
Член 17
(1) Адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на Комората и овластувањето самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката.
(2) Адвокатот е должен редовно да и уплаќа коморска членарина на Адвокатската комора на Република Македонија од денот на упис во Именикот на адвокатите.
(3) Адвокатот има обврска постојано стручно да се усовршува за време на траењето на адвокатската дејност преку задолжителна обука,семинари,работилници и друго.
Член 18
(1) Овластувањата за давање правна помош адвокатот поединец и адвокатите здружени во адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странката.
(2) Адвокатот има право, овластувањата што му ги дала странката, да ги пренесе врз друг адвокат или да овласти друг адвокат за преземање само на одделни процесни дејствија во постапката.
Член 19
(1) Правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората и како тајна го чува она што му го доверила странката.
(2) Давањето правна помош, може да се одбие или откаже од причини утврдени со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората.
(3) Правна помош не може да се даде кога по истата правна работа тој или друг адвокат од неговата канцеларија или адвокатското друштво давал правна помош на спротивната странка, или по истата правна работа постапувал како судија, јавен обвинител, јавен правобранител, односно како државен службеник во друг орган на државна управа или институција.
(4) При составување на двострани правни работи, договори и друго адвокатот е должен совесно да ги штити интересите на договорните странки без разлика која од нив побарала правна помош и која странка ја плаќа наградата. Ако меѓу странките настане спор во врска со договорот составен од адвокат, тогаш тој не може да учествува како полномошник на ниту една странка.
Член 20
(1) Адвокатот става свој потпис и печат на секоја исправа или поднесок составен во неговата канцеларија.
(2) Формата, големината и содржината на печатот на адвокатот, од став 1 на овој член, се утврдуваат со статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.
(3) На секој поднесок или исправа составен во адвокатската канцеларија,адвокатот е должен да стави штембил на адвокати,односно штембил на адвокатското друштво,адвокатска маркичка,издадена од надлежен државен орган,предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија
(4) При застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување
Член 21
Адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Член 22
Адвокатот не може да врши јавна функција или професија и друга јавна служба.
Член 23
(1) Адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош и вршењето на јавни овластувања.
(2) Адвокатот не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора на Република Македонија.
(3) Претресување на канцеларија на адвокат поединец и адвокатско друштво може да се врши само во присуство на адвокатот и овластен претставник на Адвокатската комора на Република Македонија.
(4) Претресување на канцеларија на адвокат поединец и адвокатско друштво може да се врши само во однос на писмената изречно наведени во решението за претрес донесено од надлежен судија во кривична постапка, а овластените службени лица немаат пристап до другите пишани материјали, списи, предмети и архивата.
Член 24
Во канцеларија на адвокат поединец и адвокатско друштво како простор за вршење на дејност од јавен интерес не е допуштено лишување од слобода ниту да се превземаат посебни истражни мерки, ниту истражни дејствија на странка која се обратила за правна помош.
3. Престанок и мирување на правото на вршење адвокатска дејност
Член 25
(1) Правото на вршење адвокатска дејност престанува под услови и во постапка утврдени со овој закон.
(2) Правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако:
1) се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;
2) трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатска дејност
3) заснова работен однос;
4) го изгуби државјанството на Република Македонија;
5) биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност.
6) правосилно е осуден за кривично дело за безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;
7) не врши уплата на коморска членарина и
8) му е одземена лиценцата за работа.
9) не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката
(3) Против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска дејност од ставот (1) на овој член е дозволена жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија.
(4) Против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Македонија може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
Член 26
(1) На адвокат избран или именуван на јавна функција, вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанувањето на функцијата.
(2) На барање на адвокатот вршењето на адвокатската дејност може да му мирува:
1) поради болест;
2) негово отсуство, односно отсуство на брачниот другар кога се упатени на работа во странство од страна на Република Македонија и
3) стручно усовршување.
(3) Начинот и постапката за одобрување на мирување од ставот (2) на овој член се регулира со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.
4. Адвокатски приправници и адвокатски стручни соработници
Член 27
(1) Во Именикот на адвокатските приправници може да се запише државјанин на Република Македонија кој ги исполнува општите услови за засновање работен однос во органите на државната управа и да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правeн фактултет во странство.
(2) Во Именикот на адвокатските стручни соработници може да се запише лице кое покрај условите од ставот (1) на овој член има положено правосуден испит.
Член 28
(1) Адвокатскиот приправник стручно се оспособува за самостојно вршење на адвокатската дејност и работите на правната помош и јавните овластувања ги врши според упатствата на адвокатот.
(2) Адвокатскиот приправник по истек на две години адвокатска приправничка практика, стекнува право да полага правосуден испит.
Член 29
Адвокатскиот приправник може стручно да се оспособува заради стекнување услови за полагање на правосуден испит и самостојно вршење на адвокатската дејност и без засновање на работен однос.
Член 30
Адвокатскиот приправник по положувањето на правосуден испит може да работи во својство на адвокатски стручен соработник.
Член 31
Адвокатскиот стручен соработник и адвокатскиот приправник вршат определени работи од адвокатската дејност што ќе им ги довери адвокатот и од негово име.
5. Одговорност за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата
Член 32
(1) Адвокатите се одговорни за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата.
(2) Како потешка повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, особено се смета неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на правна помош и вршење на јавни овластувања, непостапување по овластувањето и непреземањето дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштита на правата и интересите на странката и повредување на должноста на чување тајна.
(3) Со акт на Адвокатската комора на Република Македонија поблиску се утврдуваат повредите на вршење на адвокатската должност и угледот на адвокатурата.
Член 33
(1) За повреда на должноста или угледот на адвокатурата, на адвокатот можат да му се изречат дисциплински мерки: јавна опомена, парична казна во висина до десетократен износ на годишната коморска членарина и привремено престанување на правото на вршење адвокатска дејност во траење до една година.
(2) На адвокатот против кого е поведена постапка за утврдување на одговорност за повреда на должноста или угледот на адвокатурата, може привремено да му се забрани вршење на адвокатската дејност додека трае дисциплинската постапка, но не подолго од 30 дена.
(3) Начинот и постапката за привремена забрана на вршење на адвокатската дејност се определуваат со акт на Адвокатската комора на Република Македонија.
Член 34
(1) Против решението за изречена дисциплинска мерка и против решението за привремена забрана на вршењето на адвокатската дејност, во рок од осум дена од приемот на решението може да се изјави жалба до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија.
(2) Против конечното решение за изречената дисциплинска мерка може да се поведе управен спор,пред надлежен суд определен со закон.
6. Адвокатска комора
Член 35
(1) Адвокатите во Република Македонија се организираат во Адвокатската комора на Република Македонија.
(2) Со статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, а во согласност со закон можат да се предвидат и други облици на организирање на адвокатите.
(3) Адвокатската комора на Република Македонија има својство на правно лице.
Член 36
(1) Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна.
(2) Адвокатската комора на Република Македонија:
1) решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите; Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници;
2) врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва;
3) решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата;
4) решава за привремена забрана на вршење адвокатска дејност;
5) донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите;
6) донесува акти на Комората;
7) донесува Кодекс на адвокатската етика
8) се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници и
9) дава мислење за реципроцитет на барање од надлежен државен орган
(3) Адвокатската комора на Република Македонија соработува со адвокатски комори на други држави и други адвокатски меѓународни организации.
Член 37
Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од:
1) коморска членарина;
2) коморски уписен влог;
3) подароци и фондации;
4) закупнина;
5) коморска маркичка
6) други приходи во согласност со закон.
Член 38
Висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Член 39
Со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија се уредуваат, особено: делокругот, организацијата и работата на органите на Комората; начинот и постапката за упис во Именикот на адвокатите; Именикот на адвокатските друштва; Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници; органите што ја водат дисциплинската постапка и нивната надлежност и постапката за изрекување дисциплински мерки; актите и постапката за нивно донесување; водење на Именик на адвокатите, Именик на адвокатските стручни соработници и Именик на адвокатски приправници и правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници,како и одредбите за осигурување од одговнорност на адвокатите.
7. Осигурување од одговорност
Член 40
(1) Адвокатот е должен да се осигура од одговорност за штета која би ја сторил на трети лица со намера при вршење на адвокатската дејност. Договорот за осигурување од одговорност на адвокатите-членови на адвокатското друштво и за адвокатите кои работат во тоа друштво,го склучува друштвото.
(2) Со условите за осигурување може да се предвиди дека штетата до одреден износ ја надоместува адвокатот лично.
(3) Ако дојде до измена на условите за осигурување, адвокатот е должен,откако ќе прими известување од Комората за тоа,без одложување да го усогласи своето осигурување со изменетите услови.
(4) Адвокатот е должен уредно да го продолжува осигурувањето од одговорност
(5) Комората може да го превземе осигурувањето од одговорност на сите адвокати во Република Македонија.Во тој случај адвокатите се должни на Комората да и плаќаат надоместок за осигурување од одговорност.
(6) Повредата на обврската за осигурување од одговорност ,односно плаќањето на надоместок на Комората за осигурувањето е тешка повреда на адвокатската должност
(7) Осигурувателите се должни да го склучат договорот за осигурување од одговорност од адвокатот кој ќе им се обрати или со Комората
(8) Условите за осигурување заеднички ги утврдуваат осигурителните друштва во Република Македонија во договор со Комората,освен во случај кога Комората го врши осигурувањето на адвокатите.Осигурителните друштва се должни за секоја слеdна година да определат осигурително друштво кое ќе ги застапува.Ако истите не постапат така најдоцна до крајот на октомври во тековната година,за нивен застапник ќе се смета осигурителното друштво кое ќе го оппредели комората. Одлуката на Комората за тоа не е управен акт.
(9) Ќе се смета дека адвокатот склучил договор за осигурување кога поднел барање за осигурување,без оглед на тоа дали во тоа време бил постигнат договорот од член (8) на овој член
(10) Ако адвокатот штетата ја направил на трето лице намерно или од грубо невнимание ,осигурителното друштво кое ја надоместило штетата на третото лице има право на регрес спрема адвокатот,односно адвокатското друштво
III. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ
Член 41
(1) Со парична казна од 50.000 денари до 150.000 денари ќе се казни за прекршок правно лице, ако на адвокатот во определениот рок не му ги даде податоците и документите потребни во вршењето на адвокатската дејност,согласно со членот 4 став (1) од овој закон
(2) Со парична казна од 10.000 денари до 25.000 денари ќе се казни физичkо лице за дејствијата од ставот (1) на овој член
IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 42
(1) Статутот и другите општи акти на Адвокатската комора на Република Македонија ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 60 дена од денот на неговото влегување во сила.
(2) До донесувањето на прописите и другите акти чие донесување е утврдено со овој закон, ќе продолжат да се применуваат прописите и другите акти кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.
(3) Одреддбата од членот 16 став (4) на овој закон ќе се применува по приемот на Република Македонија во Европската унија
(4) До донесувањето на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокатот задолжително треба да содржи само штембил
(5) Адвокатскиот испит ќе почне да се спроведува најдоцна една година од влегувањето во сила на овој закон
(6) Актите за спроведување на адвокатскиот испит ќе се донесат најдоцна во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон
(7) Во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон,лицата кои имаат положено правосуден испит се запишуваат во Именикот на адвокатите, без полагање на адвокатски испит.
(8) Лицата кои имаат положено правосуден испит пред влегувањето во сила на овој закон,а се запишани во Именикот на адвокатите,ќе продолжат да ја вршат адвокатската дејност без полагање на адвокатски испит.
Член 43
Одредбите од членот 20 ставови (3) и (4) ќе отпочнат да се применуваат во рок од шест месеца по издавањето на адвокатската маркичка од надлежен државен орган,односно коморската маркичка од надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија.
Член 44
(1) Одредбите од членовите 6, 7, 8, 9, 10 и 11 на овој закон ќе се применуваат по истекот на шест месеци, а одредбите од членовите 12 и 13 на овој закон по истекот на една година од влегувањето во сила на овој закон.
(2) Адвокатите запишани во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија пред донесување на овој закон ги задржуваат стекнатите права, а усогласувањето на своето тековно работење, согласно со одредбите од овој закон се должни да направат во рок до една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 45
Со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” број 80/92).
(Напомена: при донесување на законот за изменување и дополнување на законот за адвокатура пропуштено е да се избришат овие членови,кои веќе немаат никаков смисол и функција,бидејки се однесуваат на периодот по донесување на Законот за адвокатура од 2002 година)
Член 46
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Напомена: Овој пречистен текст не е автентичен текст изготвен од страна на Законодавно правната комисија.Истиот е изготвен за потребите на полесна употреба на Законот за адвокатура ,а изготвувачите не сносат никаква одговорност за евентуалните грешки и несогласности со автентичниот текст.