Статут на адвокатската комора

You are here: Home » Статут на адвокатската комора

СТАТУТ НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

I.ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут се уредуваат: јавните овластувања, делокругот на работа, организацијата и работата на Адвокатската комора на Република Македонија (во натамошниот текст Комората), нејзините органи и тела, општите акти и постапката за нивно донесување, начинот и постапката за прием, упис и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, постапката за издавање и одземање на лиценца, постапката за полагање на адвокатски испит, услови за осигурување од одговорност за адвокатот и адвокатското друштво од штета, финансирање на Комората и други прашања.

II. ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА НА КОМОРАТА

Член 2

Комората во извршувањето на работите од својот делокруг обезбедува унапредување на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба и ефикасно обезбедување правна помош и вршење јавни овластувања.
Работите од својот делокруг, Комората ги извршува самостојно и независно, врз основа и во рамките на Уставот, Законот за адвокатурата и други закони, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РМ, Статутот, Кодексот на адвокатската етика и други прописи и општи акти.

Член 3

Комората:
– ја претставува адвокатурата;
– ги застапува интересите на адвокатурата;
– обезбедува услови за непречено вршење на адвокатската дејност, во рамките на независноста, самостојноста и јавноста на адвокатската професија;
– решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите; Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници;
– врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва;
– издава и одзема лиценци
– решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата;
– решава за привремена забрана на вршење адвокатска дејност;
– донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите;
– донесува акти на Комората;
– донесува Кодекс на адвокатската етика;
– се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници;
– одлучува за реципроцитетот ;
– остварува соработка со сите правни институции во државата, како и со оние кои директно или индиректно можат да помогнат во остварувањето на целите и задачите на адвокатурата;
– обезбедува услови за осигурување од одговорност за адвокатите и адвокатските друштва од штета;                                                   
– обезбедува услови и начин за полагање на адвокатски испит;
– ја развива адвокатската етика;
– воспоставува и ја развива соработката со други адвокатски комори и меѓународни адвокатски асоцијации и
– врши други работи што се ставени во надлежност на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба.

III. ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА КОМОРАТА

Член 4

Називот на Комората е: АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Член 5.

Комората има својство на правно лице
За своите обврски Комората одговара со целиот свој имот.

Член 6

Седиштето на Комората е во Скопје.

Член 7

Комората има печат, штембил и лого.
Печатот на Комората има тркалезна форма со пречник од 3см., во чија внарешна страна полукружно е испишано: Адвокатска комора на Република Македонија, а во средината симболот.
Штембилот е со правоаголна форма и на него е испишано: Адвокатска комора на Република Македонија и празен простор за број и датум на актот што се прима или испраќа и во последниот ред стои: во Скопје.

Член 8

Работата на органите на Комората е јавна.
При одлучување во одредени случаи и за одредени прашања, јавноста во работата на Комората може да биде исклучена со акт на Комората.

Член 9

Комората може да членува во адвокатски меѓународни организации и други правни асоцијации и здруженија во земјата и во странство.

Член 10

На подрачјето на основен суд во Република Македонија се основа адвокатска заедница ( во натамошен текст АЗ ), освен за подрачјето на основните судови на град Скопје каде се основаат четири адвокатски заедници ( АЗ Скопје 1 ; АЗ Скопје 2 ; АЗ Скопје 3 и АЗ Скопје 4 ) кои бројат еднаков број адвокати.
Бројот и припадноста на адвокатите на адвокатската заедница ги утврдува Управниот одбор со своја одлука.
Адвокатската заедница ја сочинуваат сите адвокати запишани во Именикот на адвокатите, коишто имаат седиште на канцеларијата на подрачјето утврдено во став 1 од овој член

Член 11

Името на адвокатските заедници гласи: АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – Адвокатска заедница…, со додавање на градот за кој е основана заедницата, а за Адвокатските заедници на градот Скопје името: Адвокатска заедница Скопје 1 ; 2 ; 3 или 4.

Член 12

Адвокатската заедница ги има следните права и должности:
– избира претседател на АЗ ,
– се грижи за угледот и достоинството на адвокатурата како професија ,
– избира свои претставници во органите на АКРМ,
– разгледува прашања, дава мислења и предлози до органите на АКРМ,
– комуницира со судовите од месна надлежност каде делува АЗ во врска со прашања кои се од интерес на АЗ.
– соработува со други АЗ по прашања кои се од заеднички интерес,
– врши и други работи кои со одлука на орган на АКРМ им се доверени.
Собирот на адвокати на АЗ избира претседател, заменци претседатели по предлог на претседателот, претставници во собранието на АКРМ и завзема мислења и дава предлози од интерес за АЗ.
Со АЗ раководи претседател, чиј избор го врши собирот на адвокати.
Мандатот на претседателот и неговите заменици е две години без ограничување на изборот.
Со Правилник донесен од УО на АКРМ поблиску се утврдуваат правата должностите и начинот на работа на АЗ.

IV. ОРГАНИ И ТЕЛА НА КОМОРАТА

Член 13

Органи на Комората се: Собрание; Управен одбор; Надзорен одбор; Дисциплински обвинител; Дисциплински суд и Жалбен совет.
Мандатот на органите на на АКРМ трае четири години.
1. Собрание на Комората

Член 14

Собранието е највисок орган на Комората.
Собранието го сочинуваат претставници на адвокатските заедници.
Во Собранието се избира по еден претставник за секои десет адвокати од една адвокатска заедница, а ако преостанатиот број на членови на АЗ е поголем од пет се избира уште еден претставник.
Бројот на претставниците во Собранието, се утврдува согласно став 3 од овој член заклучно со први јануари во годината во која престанува мандатот на избраните претставници.
Одлуката од ст.4 на овој член ја донесува Управниот одбор и за истата ја известува адвокатската заедница.
Претсавниците во Собранието на АКРМ, АЗ ги избираат најдоцна шеесет дена пред истекот на мандатот на претходно избраните претставници.

Член 15

Седница на Собранието се одржува најмалку еднаш годишно, во последната сабота од месец мај.
Собранието задолжително ќе се свика ако тоа го побараат со писмено барање повеќе од 1/3 од претставниците на Собранието, или десет адвокатски заедници, или најмалку триста адвокати поединечно.
Седницата на Собранието од став 1 на овој член ја свикува Управниот одбор на Комората најдоцна триесет дена пред денот на одржувањето на седницата.
Седницата од став 2 на овој член ја свикува Управниот Одбор на АКРМ во рок од 30 дена по поднесувањето на барањето. Доколку Управниот Одбор не ја свика седницата во овој рок седницата задолжително ќе се одржи во рок од 60 дена од денот на поднесеното барање.
Ако Управниот одбор не свика седница на Собранието согласно став 1 и 2 од овој член сите органи на АКРМ освен Собранието се распуштаат, а на наредната седница се бираат нови органи на АКРМ кои ќе работат до истекот на мандатот на собранието на АКРМ.

Член 16

Дневниот ред на Собранието го предлага Управниот Одбор , а го усвојува Собранието.

Член 17

Претставниците на Собранието се известуваат за закажаната седница на Собранието најмалку 15 дена пред денот на нејзиното одржување, а во итни случаи може и во покус рок.

Член 18

Седницата на Собранието се одржува ако на неа присуствуваат мнозинството од вкупниот број на претставници на Собранието, а одлуките се донесуваат ако за нив гласале мнозинството од присутните претставници на Собранието.

Член 19.

Собранието:
– го донесува Статутот на Комората;
– го донесува Кодексот на адвокатската етика;
– го избира Управниот одбор;
– го избира Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет;
– расправа за прашања од интерес за адвокатурата и донесува одлуки во врска со тоа;
– ја контролира и ја насочува работата на Управниот одбор;
– го разгледува и усвојува извештајот за работа на: Управниот одбор, Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет;
– го разрешува Управниот одбор, Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет пред истекот на мандатот, ако констатира дека истите го кршат Уставот, законите и другите прописи, Статутот и другите акти на Комората;
– ја разгледува завршната сметка на Комората и
– донесува финансов план на Комората.
2. Управен одбор

Член 20

Управниот одбор е раководен орган на Комората и извршен орган на Собранието.
Управниот одбор го сочинуваат 15 членови кои ги избира Собранието на начин утврден со Деловникот за работа на Собранието.
При изборот на членовите на Управниот одбор се обезбедува територијална застапеност на адвокатите од целата држава

Член 21

На конститутивната седница, Управниот одбор, од редот на своите членови избира Претседател на Управниот одбор и двајца заменици, со мандат од две години.
Претседателот на Управниот одбор ја застапува и претставува Комората.

Член 22

Седници на Управниот одбор свикува Претседателот на Управниот одбор и раководи со нив.
Седница на управниот одбор може да се свика и по барање на 1/3 од неговите членови.
Во случај на спреченост на Претседателот на Управниот одбор, седница свикува и со неа раководи неговиот заменик.

Член 23

Управниот одбор:
-донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите;
-донесува Правилник за дисциплинска одговорност на адвокатите ;
-ги избира членовите на Советот на Комората;
-формира постојани и повремени комисии и тела и ги именува нивните членови , според потребите на Управниот Одбор;
-остварува соработка со институциите на државата, како и соработка со здруженија и организации;
-остварува соработка со правните асоцијации на други држави и меѓународни институции и донесува Одлука за зачленување во истите;
-разгледува предлози, ги проучува и по нив зазема став или донесува одлуки што се од интерес за адвокатурата;
-соработува во подготовките на прописите што се однесуваат на работата на адвокатурата;
-ја следи состојбата во адвокатурата и дава препораки и мислење за поуспешно извршување на истата;
-донесува Правилник за систематизација на работните места во стручната служба;
-одлучува во втор степен за сите права од работен однос за вработените во стручната служба;
-управува со средствата на Комората и поднесува извештај ;
-ја одобрува завршната сметка;
-ја определува висината на коморската чланарина, коморскиот уписен влог и коморската маркица;
-одлучува по жалби против на одлуките на Комисијата за прием, упис и бришење во имениците и издавање и одземање на лиценца;
– Се грижи за заштита на адвокатурата пред надлежни органи и институции;
– определува свој претставник – адвокат кој присуствува при претрес на адвокатска канцаларија
– дава согласност за лишување од слобода или притворање на адвокат;
– поведува прекршочна постапка;
– УО на АКРМ свикува изборен собир на АЗ доколку тоа претседателот на таа заедница не го стори најдоцна 10 дена пред истекот на неговиот мандат
-Донесува Правилник за Адвокатските заедници;
-Донесува Правилник за начинот, постапката и условите за осигурување на адвокатите и адвокатските друштва од одговорност на штета;
-Донесува Правилник за изгледот и условите за носење на адвокатска тога;
-Донесува Правилник за полагање на адвокатски испит;
-Донесува Програма за полагање на адвокатски испит;
-Донесува Правилник за адвокатска маркичка;
– Донесува Правилник за коморска маркичка
-врши и други работи кои со овој Статут не се во надлежност на друг орган.
3.Надзорен одбор

Член 24

Надзорниот одбор брои 3 члена кои ги избира Собранието.
Секој член има свој заменик, кој присуствува на работата на Надзорниот одбор во случај на спреченост на членот кого го заменува.
На првата седница, Надзорниот одбор, од членовите избира Претседател и заменик.

Член 25

Надзорниот одбор:
-врши контрола на финансиското и материјалното работење на Комората;
-ја разгледува завршната сметка на Комората и дава мислење до Собранието.
4.Дисциплински обвинител

Член 26

Дисциплинскиот обвинител поведува и застапува дисциплинско обвинение против член на Комората за сторени дисциплински повреди.
Дисциплинскиот обвинител има три заменици
Работата на дисциплинскиот обвинител се уредува со Правилникот за дисциплинска одговорност, во согласност со Законот за адвокатурата и со Статутот на Комората.
5. Дисциплински суд

Член 27

Дисциплинскиот суд одлучува по барањата на дисциплинско обвинение, поднесени против членовите на АКРМ за сторени дисциплински повреди.
Дисциплинскиот суд го сочинуваат три члена, од кои еден е претседател.
Претседателот и членовите имаат свои заменици.
Дисциплинскиот суд првата седница, од своите членови избираат претседател и негов заменик.

Член 28

Работата на Дисциплинскиот суд се уредува со Правилникот за дисциплинска одговорност, во согласност со Законот за адвокатурата и Статутот на Комората.
6. Жалбен совет

Член 29

Жалбениот совет одлучува по жалбите против одлуки на Дисциплинскиот суд.

Член 30

Жалбениот совет го сочинуваат пет члена од кои еден е Претседател.
Претседателот и членовите имаат свои заменици .
Жалбениот совет од своите членови на првата седница избира претседател и заменик.

Член 31

Работата на Жалбениот совет се уредува со Правилникот за дисциплинска одговорност, во согласност со Законот за адвокатура и Статутот на Комората.
7. Совет.

Член 32

Советот е советодавно тело на Управниот одбор.
Советот дава мислења по прашања кои се од интерес за адвокатурата.
Советот го сочинуваат најмалку тројца адвокати со најмалку дваесет години искуство во адвокатурата, пензионирани адвокати, како и истакнати научни и стручни лица од одредени области.
Бројот на членовите , составот, начинот на работа на советот го уредува Управниот одбор со деловникот за работа.

V.ОПШТИ АКТИ НА КОМОРАТА И ПОСТАПКА ЗА НИВНО ДОНЕСУВАЊЕ

Член 33

Општи акти на Комората се:
-Статут на Комората;
-Кодекс на адвокатската етика;
-Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите;
-Правилник за дисциплинска одговорност;
-Деловници за работа на органи и тела на Комората;
-Правилници;
-Одлуки и други акти кои имаат карактер на општи акти.

Член 34

Актите на Комората мора да бидат во согласност со Уставот, Законот за адвокатурата и другите закони.

Член 35

Актите кои ги донесува Собранието не можат да се пренесат во надлежност на другите органи на Комората.

Член 36

Статутот и Кодексот на адвокатската етика ги донесува Собранието на Комората со мнозинство гласови од вкупниот број претставници.

Член 37

Уравниот одбор ги донесува Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите, Правилникот за дисциплинска одговорност, Правилникот за минимално хигиенско-технички услови, правилници кои уредуваат одредени области, одлуки и други акти кои по својата природа се општи акти.

Член 38

Органите и телата на Комората донесуваат Деловници за својата работа.

Член 39

Иницијатива за донесување на Статут и Кодекс на адвокатската етика, нивна измена и дополнување, може да покрене секој член на Комората, адвокатските заедници, Советот и другите органи на Комората.
Иницијативата од ст.1 на овој член се доставува до Управниот одбор.

Член 40

Предлог за донесување на Статут и Кодекс на адвокатската етика и предлог за нивна измена и дополнување поднесува Управниот одбор.

Член 41

Пред поднесување на предлогот од член 43, Управниот одбор го доставува истиот на адвокатските заедници, кои се должни своите забелешки да ги достават во рок од 30 дена.
По истекот на рокот од став 1, Управниот одбор го утврдува конечниот текст на предлогот и го доставува на Собранието, најмалку 15 дена пред неговото одржување.

Член 42

Управниот одбор општите акти ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Член 43

Постапка за донесување, измена или дополнување на општ акт, чие донесување е во надлежност на Управниот одбор, може да поведат Комисиите на Управниот одбор, секој адвокат или адвокатско друштво.
Постапката од ст.1 на овој член се поведува со поднесување предлог во писмена форма.
Управниот одбор е должен да го разгледа предлогот и по истиот да донесе одлука.
Примерок од одлуката од ст.3 на овој член, Управниот одбор му доставува на предлагачот.

Член 44

Одлуките на органите и телата на комората се донесуваат со мнозинство од вкупниот број на присутните членови на органите односно телото.

Член 45

Во Службен весник на Република Македонија се објавуваат: висината на коморската членарина , коморскиот уписен влог, тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите, решението за одземање на лиценца.

VI. АДВОКАТСКАТА ДЕЈНОСТ

1. Носител на дејност и организациони форми

Член 46

Адвокатската дејност ја врши адвокат поединец или адвокатско друштво, како единствена професија.
Вршењето на адвокатска дејност е неспоиво со вршењето на друга дејност.
Адвокатот слободно избира дали адвокатската дејност ќе ја врши како адвокат поединец или преку адвокатско друштво.

Член 47

Адвокатското друштво се основа со договор за основање ,кој мора да содржи:
-назив на адвокатското друштво;
-име и презиме на адвокатите, основачи на друштвото;
-седиште на друштвото;
-висина на сопственичкиот удел на основачите;
-одговорност на друштвото и на основачите за обврските на друштвото;
-распределба на добивката меѓу основачите на друштвото;
-поднесување на загубите во работењето;
-начин на донесување на одлуките на друштвото;
-лице овластено за застапување и претставување на друштвото и неговите овластувања во правниот промет
-времетраење и престанок на постоење на друштвото;
-други прашања за кои основачите сметаат дека се од значење за уредување на нивните односи.

Член 48

Називот на адвокатското друштво ги содржи зборовите адвокатско друштво и името и (или) презимето на еден или на сите основачи.
Забрането е во називот на адвокатското друштво да бидат содржани други зборови освен наведените во претходниот став.

Член 49

Адвокатското друштво и неговите основачи одговараат со целиот свој имот за обврските на друштвото.

Член 50

Седиштето на канцаларијата на адвокатот го определува адвокатот поединец.
Седиштето на адвокатското друштво го определуваат основачите на друштвото.
Седиштето на канцаларијата на адвокатот односно на адвокатското друштво е само на едно место.
Промена на седиштето се врши врз основа на претходно известие на комисијата за прием, упис и бришење во имениците и издавање и одземање на лиценца.

Член 51

Забрането е рекламирање на адвокатската дејност и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми.

Член 52

Седиштето на канцаларијата на адвокатот и седиштето на адвокатското друштво задолжително се обележува со називот на адвокатот односно на адвокатското друштво.
Називот се испишува на бела подлога со димензии 60 х40 сантиметри со црни букви,

Член 53

Седиштето на канцеларијата на адвокатот мора да ги исполнува минималните хигиено технички услови и минималните технички уреди.
Седиштето на адвокатското друштво мора да ги исполнува минималните хигиено технички услови и тоа: просторија за прием и просторија за адвокатите, санитарен јазол и минималните технички уреди.
Минималните хигиено технички услови ги утврдува комисијата за прием, упис и бришење во имениците и издавање и одземање на лиценца.
Површината на просторот, начинот и постапката за минималните хигиено технички услови и минималните технички уреди ќе се уредат со посебен правилник кој го донесува Управниот одбор.

Член 54

Адвокатот поединец и адвокатското друштво имаат печат со големина 40 х 20 милиметри.
Печатот на адвокатот како штембил содржи: адвокат, име и презиме, седиштето на канцаларијата на адвокатот и бројот на лиценцата.
Печатот на адвокатското друштво содржи: назив на адвокатското друштво, седуштето, име и презиме и бројот на лиценцата на адвокатот
Адвокатското друштво има штембил со големина 50 х 25 милиметри и содржи: називот на адвокатското друштво, седиштето, простор за деловоден број, ден месец и година прием испратено.

Член 55

На секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија..
При застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да  му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување.
2. Постапка за полагање на адвокатски испит

член 55а

Дипломиран правник со положен правосуден испит кои ги исполнува општите услови од член 12 од Законот за Адвокатура се стекнува со право да полага адвокатски испит.

член 55б

Со адвокатскиот испит се проверува познавањето на правните прописи со кои се уредува адвокатската дејност и одредени области од правото,  при што ќе се води сметка за содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.

член 55в

Адвокатскиот испит се спроведува два пати во годината.
Адвокатскиот испит се спроведува во Адвокатската комора на Република Македонија пред комисија составена од пет адвокати. Бројот на предметите , наставните програми и оценувањето на испитот се утврдува со акт на Управниот Одбор на Адвокатската комора на Република Македонија. .
3. Постапка за прием, упис, издавање и одземање на лиценца.

Член 56

Решение за прием, упис и издавање донесува Комисијата за прием, упис и бришење од Имениците и изадавање и одземање на лиценца ( во натамошниот текст Комисија за прием ).
Свечената заклетва  се дава пред претседателот на Управниот Одбор и пред Комисијата за прием, упис и издавање и одземање на лиценца.

Член 57

Прием на адвокати се врши во месеците: март, јуни, септември и декември.

Член 58

Својството адвокат се стекнува со упис во Именикот на адвокати.

Член 59

На адвокатот, по уписот во Именикот на адвокати, му се издава лиценца за работа и легитимација.

Член 60

Лиценцата за работа ја издава и одзема Комисијата за прием.

Член 61

Лиценцата содржи: назив на издавачот АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, називот лиценца испишан со стилизирани букви, бројот на лиценцата, името и презимето на носителот на лиценцата, место и датум на издавање, органот кој ја издал и симболот на Комората.

Член 62

Обликот, големината и стилизацијата на текстот го пропишува со правилник Управниот одбор.

Член 63

Лиценцата на адвокатот мора да биде истакната во адвокатската канцеларија каде адвокатот ја врши дејноста.

Член 64

Комисијата за прием ја сочинуваат три члена, од кои едниот е претседател на комисијата.

Член 65

Членовите на Комисијата за прием ги избира Управниот одбор за време од четири години.

Член 66

Барањето за прием се доставува до Комисијата за прием.
Кон барањето за прием се приложуваат:
– кратка биографија
– доказ за завршен правен факултет
– доказ за положен правосуден испит
– доказ за положен адвокатски испит
– уверение за државјанство
– уверение дека не е одземена деловна способност

Член 67

Врз основа на барањето и прилозите од чл.66 од Статутот Комисијата за прием донесува решение за прием.
Ако кандидатот не ги исполнува условите од чл. 66 од Статутот Комисијата за прием донесува решение со кое се одбива барањето за прием.
Против решението со кое се одбива приемот кандидатот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.
По жалбата одлучува Управниот одбор.
Против конечното решение на Управниот одбор кандидатот може да поведе управен спор.

Член 68

По конечноста на решението за прием кандидатот дава свечена изјава пред Комисијата за прием.
Уписот во именикот на адвокати врши Комисијата за прием.

Член 69

По уписот во именикот адвокатот го определува седиштето на канцаларијата, и му се издава лиценца за работа, за што ја известува Комисијата за прием.
По приемот на известувањето од ставот први од овој член комисијата во рок од 15 дена утврдува дали канцаларијата на адвокатот ги исполнува минималните хигиено технички услови за што издава решение.

Член 70

Лиценцата за работа на адвокатот се одзема во следниве случаи:
– се откаже од правото на вршење на адвокатска дејност,
– заснова работен однос,
– го изгуби државјанството на Република Македонија,
– биде лишен од деловна способност или трјно ја загуби способноста за вршење на адвокатска дејност
– правосилно е осуден за кривично дело со безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или ако му е изрежена мерка за безбедност забрана за вршење на професија или дејност,
– не врши уплата на коморската членарина и три месеци по примена писмена опомена.
– кога на адвокатот му е изречена дисциплинска мерка за
сторена дисциплинска повреда.
– за членување во здруженија, фондации и правни лица чија
дејност претставува нелојална конкуренција на АКРМ.
За време на мирување на правото на вршење адвокатска дејност лиценцата привремено се одзема се додека трае мирувањето.
Пред денот на отпочнување на мирувањето адвокатот е должен да ја предаде лиценцата на Комисијата за прием.
По завршеното мирување и писменото известување дека продолжува со вршење на адвокатската дејност, лиценцата се враќа.

Член 71

Лиценцата за работа на адвокатот ја одзема Комисијата за прием.

Член 72

Лиценцата за работа се одзема:
– кога ќе побара адвокатот,
– по известие на дисциплинскиот обвинител,
– по известие на дисциплинскиот суд,
– по известие на друг орган на АКРМ
– по известие на државен орган или институција
– врз основа на сознание на Комисијата за прием.

Член 73

По утврдување на постоењето на причините од член 71 од Статутот Комисијата за прием донесува решение за одземање на лиценцата за работа и престанок на правото за вршење на адвокатска дејност.

Член 74

Против решението на Комисијата за прием адвокатот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Управниот одбор.
Против конечното решение може да се поведе управен спор

Член 75

По конечноста на решението за одземање на лиценцата за работа адвокатот е должен да ја предаде лиценцата и адвокатската легитимација на Комисијата за прием.
Одлуката за одземање на лиценцата за работа по нејзината конечност се објавува во Службен весник на Република Македонија.

Член76

По барање на адвокатот за мирување на вршење на адвокатската дејност решава Комисијата за прием во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето.
Кон барањето адвокатот доставува потребни документи со кое ја докажува оправданоста на барањето.
Против решението со кое не се одборува мирување на адвокатската дејност адвокатот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Управниот одбор.
Против конечното решение адвокатот може да поведе управен спор.
За време траењето на мирувањето на адвокатската дејност мируваат правата и должностите од вршењето на адвокатската дејност.

3. Адвокатски именици

Член 77

Комората води Именик на адвокати, Именик на адвокатски друштва, Именик на адвокатски стручни соработници и Именик на адвокатски приправници.
Именикот на адвокати содржи :
Водоравни алинеји во кои се впишува – Име и презиме на адвокатот со Единствен матичен број, адреса на живеалиште, адреса на пријавено седиште, домашен телефонски број, телефонски број во седиштето, датумот на упис во именикот, датумот на издавање на лиценцата и бројот на лиценцата.
Именикот на адвокатски друштва содржи Водоравни алинеји во кои се впишува податоци за оснивачите – Име и презиме со Единствен матичен број, адреса на живеалиште на оснивачите, датумот на издавање на лиценцата, бројот на лиценцата, домашен телефонски број.
Адреса на пријавено седиште, телефонски број во седиштето, датумот на склучениот договор за основање, датумот на упис во именикот
Именикот на адвокатски стручни соработници содржи :
Име и презиме на адвокатскиот стручен соработник со Единствен матичен број, адреса на живеалиште, домашен телефонски број, телефонски број во седиштето и датумот на упис во именикот, како и
Податоци за адвокатот или адвокатското друштво каде е пријавен адвокатскиот стручен сорабоник како во соодветниот Именик за упис .
Именикот на адвокатски приправници содржи:
Име и презиме на приправникот со Единствен матичен број, адреса на живеалиште, домашен телефонски број, телефонски број во седиштето и датумот на упис во именикот како и
Податоци за адвокатот или адвокатското друштво каде е пријавен адвокатскиот приправник како во соодветниот Именик за упис.

Член 78

Формата, обликот и содржината на адвокатската легитимација се уредува со Правилник кој го донесува Управниот Одбор на Адвокатската комора на Република Македонија.
4. Реципроцитет

Член 79

Адвокати од други држави можат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет.
Постоењето на реципроцитетот го утврдува Управниот одбор.
Реципроцитетот за адвокатите од земјите на Европска Унија нема да се утврдува по приемот на Република Македонија во Европска Унија.

Член 80

Адвокатите од други држави кои сакаат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност преку нивната институција се обраќаат до Управниот одбор.
Кон барањето доставуваат доказ дека е допуштено адвокати на Република Македонија да даваат правна помош и вршат адвокатска дејност во домицилната држава.
Обемот и видот на овластувањата за давање на правна помош и вршење на адвокатска дејност се уредуваат со договор.
Видот и боемот на овластувањата за давање на правна помош и вршење на адвокатска дејност мора да се идентични.

Член 81

Управниот одбор поведува постапка и ги води преговорите адвокати на АКРМ да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност во трети држави .

VII.ФИНАНСИРАЊЕ НА КОМОРАТА

Член 82

Комората се финансира од:
-коморска членарина;                                                                                                                     -коморска маркичка;
-коморски уписен влог;
-подароци и фондации;
-закупнина;
-добивка од работењето на трговско друштво основано од Комората;
-други приходи во согласност со закон.

Член 83

Адвокатите, се должни да плаќаат коморска членарина.
Висината на коморската членарина ја утврдува Управниот одбор и истата не може да биде помала од 50,оо Евра, ниту поголема од 200 Евра годишно, во денарска противредност.
Коморската членарина се плаќа тромесечно.

член 84

Адвокатите плаќаат коморска маркичка.
Постапката за плаќање, висината и начинот на користење на средствата од коморската маркичка ќе се уредат од страна на УО со посебен Правилник.

Член 85

Комората има свои фондови и тоа:
-деловен фонд и
-резервен фонд.
Со одлука на Собранието на Комората може да се формираат и други фондови.

Член 86

Со средствата на Комората располага Управниот одбор, со одлуки што се извршуваат од страна на овластени потписници, а врз основа на овој Статут и законот.

VIII.СТРУЧНА СЛУЖБА

Член 87

Стручните, помошните и административните работи за потребите на АКРМ ги извршува стручна служба на Комората.

Член 88

Со стручната служба раководи извршен директор.
Извршниот директор за својата работа одговара пред Управниот одбор.
Извршниот директор учествува во работата на органите и телата на Комората и дава свое мислење, без право на глас.

Член 89

Систематизацијата на работните места, бројот на работниците, нивните права и обврски, платите и другите надоместоци се уредуваат со Правилник, кој го донесува Управниот одбор на Комората.

IX.СВЕЧЕНИ ПРИЗНАНИЈА

Член 90

Свечени признанија можат да се доделат на адвокати, физички и правни лица.

Член 91

Плакета за успешно извршување на адвокатската дејност се доделува на адвокат кој со својата долгогодишна работа во адвокатурата дал придонес во подигнување на угледот на адвокатурата.

Член 92

Плакета за особени заслуги се доделува на физичко или правно лице кое не е член на АКРМ , за особени заслуги во развојот и унапредувањето на адвокатурата.

Член 93

Благодарница за успешно извршена работа им се доделува на адвокати кои извршиле определени работи од особен интерес за адвокатурата.

Член 94

Плакета и благодарница ги доделува Собранието по предлог на Управниот одбор.

Член 95

Признанија за успешна соработка со АКРМ доделува Управниот одбор.

X.ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 96

На адвокатите кои на денот на влегување во сила на Статутот се запишани во Именикот на адвокати лиценци се издаваат по автоматизам.

Член 97

Сите општи акти на Комората ќе се усогласат со одредбите на овој Статут во рок од 60 дена од денот на неговото влегување во сила.

Член 98

Со денот на влегувањето во сила на овој Статут, престанува да важи Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 01.12.2002 година.

Член 99

Овој Статут  е донесен на 28 мај 2006 година и влегува во сила на денот на неговото објавување во Службен весник на РМ.

СОБРАНИЕ НА
АДВОКАТСКА КОМОРА НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Show Comments